Потребно е:
300 гр брокули
300 гр компири
1 страк праз
1 зеленчукова коцка за супа
1 л вода
2-3 кришки леб
1 чешне лук
маслиново масло
сол
Подготовка:
Брокулата убаво измијте ја и поделете ја на цветчиња. Компирите излупете ги и исецкајте ги на коцкички.
Сипете 1 л вода во еден подлабок сад, посолете и ставете го садот на рингла. Кога водата ќе почне да вре ставете неколу цветчиња брокула и варете ги 3 минути од моментот кога водата повторно ќе почне да врие.
Извадете ги од врлата вода и ставете ги во чинија со ладна вода. После неколку минути извадете ги од водата, исцедете ги и оставете ги за сервирање.
Во врелата вода ставете ја коцката за супа и промешајте додека не се растопи.
Во друг сад на рингла загрејте 2 лажици маслиново масло и ставете го сецканиот праз. Кога ќе омекне додадете ги сецканите компири. Пржете ги неколку минути со постојано мешање, а потоа додадете ја зеленчуковата супа. Оставете да се вари на средна температура.
Пред крај додадете ги преостанатите цветови брокула и варете додека не омекнат.
Тенџерето тргнете го од рингла и со рачен миксер измиксирајте ја убаво супата, со сите состојки во неа, да стане кремаста.
Додека се вари чорбата исецкајте ги кришките леб на коцки. Ставете ги во една чинија, додадете го ситно сецканото лукче и малку маслиново масло. Измешајте. Потоа сипете ги во тава во еден слој и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 целзиусови степени околу 10 минути.
Пред да ја послужите крем чорбата по потреба додадете сол. Сипете ја во керамички чинии и во секоја чинија ставете по едно цветче варена брокула и малку од печените коцки леб.