Еве како изгледа туширањето во Меѓународната вселенска станица (видео)

Италијанската астронаутка чекор по чекор демонстрирала како изгледа одржувањето на хигиената во вселената.

Саманта Кристоферети, првиот женски италијански астронаут, сака со помош на видео камера да го бележи својот секојдневен живот во орбитата.

На последното видео може да се види дека процесот на одржување на личната хигиена во вселената има многу сличности со она на Земјата – се што ви е потребно се сапун, вода и шампон.

Меѓутоа, една работа прилично се разликува, а тоа е „плакнењето“.

Саманта објаснува дека астронаутите користат специјален вид на шампони кои нема потреба да се „плакнат“. На ваква постапка се приморани поради однесувањето на водата во бестежинска состојба: капките вода или лебдат околу астронаутот или се лепат за површината, па „плакнењето“ на шампонот е скоро невозможно.

Сепак, и покрај тешкотиите кои ги носи животот на 400 километри од Земјата, земските задоволства и не се така недостижни.

Саманта успеала да ја испие првата шоља италијанско еспресо, користејќи специјално дизајнирана машина која ја осмислиле италијанските научници.