Дефинитивно новата преработка на дуото „Некст Тајм“, односно една од најубавите македонски песни, „Слушам кај шумат шумите“, ќе влезе засекогаш во аналите на македонската музика. Песна која ќе се слуша и по 30, 50, 80, 100 години…
Проект, на кој Мартин и Стефан напорно работеа цели две години со цел финалниот производ да изгледа вака како што изгледа.
Како и за нивната „Ѓурѓа“, која ги сруши сите рекорди на гледаност во Македонија, така и на оваа преработка, работеше еден од нашите најдобри музичари, Никола Мицевски.
– Работевме напорно за да ја оправдаме довербата која Македонија ни ја даде за „Ја излези Ѓурѓо“. Ова беше предизвик за нас за да докажеме дека од доброто може и подобро. Се надевам дека луѓето ќе ја препознаат нашата емоција во целиот проект и ќе не охрабри да продолжиме да твориме и понатаму – вели Мартин од „Некст Тајм“.
Спотот е снимен на повеќе локации во Македонија, а и овојпат режисерската палка му припадна на талентираниот Огнен Шапковски, а како негов асистент се потпишува и Мартин.
Во спотот покрај близнаците Стефан и Мартин се појавува и нашата преубава актерка Ана Стојановска.
Инаку новиот проект беше промовиран во вторникот во Драмски театар во Скопје, каде се појавија нивните најблиски пријатели, соработници и колеги…