Крем супа од грав (рецепт)

Следува рецепт за кремаста и вкусна густа супа.

Потребно е: 250 гр сварен грав, 1 главица кромид,1 чешне лук, 1 помал морков, 1 полно лажиче брашно, 2 лажици кисела павлака + за сервирање, 1 китка магдонос, сол, бибер, 1 коцка за зеленчукова супа, путер, коцкички леб

Подготовка:

На малку путер пропржете го исецканиот кромид, потоа додадете го на коцки исецканиот морков и на крај и сецканото лукче, колку да пушти мирис.

Додадете го брашното и уште малку пропржете. Ако сакате погуста супа тогаш додадете уште малку брашно.

Сипете 1/2 л од зеленчуковата супа и додадете го претходно сварениот грав.

Ставете измиена и заврзана китка магдонос, зачинете, поклопете со капак и варете ја супата на тивко додека не омекне зеленчукот.

Додека се вари супата, на малку путер пропржете ги коцките леб.

Извадете ја китката магдонос и чорбата изблендирајте ја со рачен блендер. Додадете уште од супата додека ја добиете саканата густина.

Кога ќе биде готова супата, земете неколку лажици од супата, измешајте ги со киселата павлака и вратете ги во супата. Во супата додадете и една коцка путер, тргнете го садот со супата од рингла и мешајте додека не се растопи путерот.

Сипете ја супата во чинии, во средината на секоја чинија ставете лажиче кисела павлака и посипете со коцкички препечен леб.