Тоа што не те убива те прави посилен- ова не точно, тврдат психолози

Поговорката „тоа што не те убива, те прави посилен“ е неточна, тврди германскиот психолог Јуле Шпрехт.

– Тоа е погрешно верување. Резултатите од повеќе студии укажуваат дека негативните искуства во животот имаат негативни последици, а позитивните формираат позитивен контекст – стабилно семејство, здрав однос и исполнетост. Зборувајќи генерално, луѓето позитивно се развиваат кога се задволни од својот живот- изјави 28-годишната Шпрехт, која е добитничка на наградата на градот Берлин за млади научници, во изјава за агенцијата ДПА.

Шпрехт е професорка по психолошка дијагностика на Берлинскиот универзитет. Нејзина главна област е истражување на развој на личноста, изборот на партнер и причините и последиците од задоволства на животот.

– Не знаеме зошто чувството на среќа толку брзо поминува. Позитивните случувања побрзо бледеат од негативните-вели Шпрехт.

Таа нуди совет.

– Треба да бидеме свесни и да се препуштиме на оние работи кои одат добро, наместо секогаш да трчаме па нови цели- објасни таа.

Според неа, и особините на личноста имаат силно влијание врз добросостојбата.

– Екстравертните луѓе и оние кои се емоционално јаки се склони кон среќата. Личната добросостојба може исто така да се поттикне со тоа што повеќе ќе се дружите, ќе си се почестите со нешто и ќе размислувате позитивно. Но, тоа не е лесно- заклучи Шпрехт.