Судот во Лас Вегас соопшти дека познатиот илузионист Дејвид Коперфилд бил немарен, но дека не е одговорен за повредата на британскиот турист Гавин Кокс.
Поротата заклучила дека 58-годишниот Британец самиот се повредил за време на трикот „Среќен број 13 “ во Лас Вегас во 2013 година.
Кокс го тужеше магионичарот поради немарност бидејќи паднал и се повредил за време на претставата.
Илузионистот, кој претходно без никакви проблеми го извел трикот над илјада пати, прави 13 случајно избрани гледачи да „исчезнат“, откако ќе ги прекрие со завеса, а потоа се појавуваат во задниот дел од салата.
Коперфилд во април беше присилен да ја открие својата тајна и пред судот беше соопштено дека гледачите по покривањето со завесата преку тајни ходници ја напуштаат сцената и потоа се враќаат низ задната врата.
Имено Кокс паднал додека го воделе низ тие ходници, при што го повредил рамото и имал потрес на мозокот.
Тој тврди дека страда од хронични болки, како и дека за лекување потрошил над 400 илјади долари.
Оваа пресуда значи дека британскиот турист нема да добие финансиска отштета од Коперфилд.