Загадувањето на воздухот “ѝ штети на интелигенцијата”, покажува најновото истражување кое било спроведено во Кина.
Според истражувањето, загаденоста на воздухот најмногу влијае на постарите мажи, а постојаната изложеност на загаден воздух може да биде поврзана со когнитивните способности, велат резултатите од истражувањето на универзитетот во Пекинг и универзитетот “Јејл” во САД. Американски и кинески научници четири години следеле 20.000 луѓе од двата пола во Кина, а најмладите испитаници имале само 10 години.
Air pollution 'may harm' cognitive intelligence, study says https://t.co/6plFNf5J2w
— BBC Science News (@BBCScienceNews) August 28, 2018
Научниците веруваат дека штетното дејство се зголемува со возраста и дека штетните материи најмногу влијаат на мажите со пониско образование. Една од причините зошто истражувањето покажало дека постарите мажи без високо образование се најизложени на загадувањето е тоа што обично се работи за лица кои работат надвор.
Тие веруваат дека резултатите од истражувањето се важни за целиот свет – 80 отсто од светската популација дише воздух со висок процент на штетни честички. Истражувачите ги поврзале нивото на загадување и резултатите од тестовите по математика, но не успеале да докажат дека загадувањето влијае на тоа колку добро учесниците ги решиле тестовите.
Истражувањето во кое учествувале истражувачи од универзитетот во Пекинг и универзитетот “Јејл” од САД, го проучувало нивото на сулфур диоксид, азот диоксид и честички помали од 10 микрограми на кубен метар на местото каде што живеат испитаниците. При тоа, истражувањето не се занимавало со нивото на јаглерод моноксид, озон и поголеми честички.
“Докажавме дека загадувањето влијае на резултатите од усните тестови кај постарите мажи со пониско ниво на образование”, се наведува во соопштението од истражувањето.
Но, ова не е единственото истражување со вакви резултати – и претходно спроведените истражувања покажале дека загадувањето има негативно влијание врз когнитивните способности, а загадувачите го зголемуваат ризикот од појава од депресија.
Иако резултатите од истражувањето се однесуваат за Кина, тие може да им помогнат на земјите во развој и да ја нагласат важноста на загадувањето на воздухот, сметаат истражувачите.
Секоја година седум милиони луѓе умираат поради изложеност на загаден воздух, а дури 91 процент од светската популација живее во области каде индексот на квалитетот на воздухот е повисок отколку што се препорачува од страна на Светската здравствена организација. Помеѓу најзагадените градови се споменуваат Пешавар и Равалпинди во Пакистан и Мазар-и-Шариф во Авганистан, а најниско ниво на загаденост имаат Сирнак во Турција, Муонио во Финска и Бредкален во Шведска.