Австралиски работник по грешка примил 100 пати поголема плата

Еден работник во Австралија примил 100 пати поголема плата, бидејќи децималата била ставена на погрешно место.

Имено, работникот требало да прими 4.921,76 долари, но тој на својата сметка “затекнал” 492.176 долари. Пропустот го открила службата за финансии во австралиската Северна Територија и соопштила дека станува збор за човечка грешка.

Меѓутоа, работникот одолеал на искушението и ги вратил парите, пренесува “BBC”.

Службата за финансии соопштила дека парите биле вратени назад по четири недели и дека процесот траел предолго бидејќи работникот живеел во тешко достапна област, па морал да патува до најблиската банка.

Во извештајот се наведува дека е направена грешка во текот на внесувањето на податоци и дека притоа надлежните не реагирале на системското предупредување.

Ова е само еден од 743-те случаи на погрешни уплати од страна на службата во периодот од јули 2017 до јануари 2018 година.