Највисоката статуа на светот е посветена на човекот за кој веројатно никогаш не сте чуле

Во индиската држава Гуџарат наскоро ќе биде завршена изградбата на “Статуата на единство” која ќе биде четири пати повисока од Кипот на слободата, а се издигнува во чест на Сардар Пател, еден од хероите за индиската независност.

Споменикот по завршувањето на изградбата ќе биде висок 182 метри, а истиот е дизајниран од страна на Рам В. Сутар. “Статуата на единство” ќе зазема површина преку 20 илјади квадратни метри и ќе биде опкружена со вештачко езеро со големина од 12 квадратни километри.

Оваа статуа е сместена така што со лицето гледа кон браната Нармада, близу Вадодара. Актуелниот индиски премиер Нарендра Моди во 2013 година официјално го објави почетокот на изградбата на највисоката статуа на светот.

Изградбата започна на 31-ви октомври 2014 година, а свеченото отворање е закажано за 31-ви октомври оваа година. Споменикот во октомври свечено ќе го открие самиот премиер на Индија.

Трошоците за изградбата се иницијално проценети на околу 440 милиони долари, вели индиската влада.

“Статуата на единство” е посветена на индискиот лидер на движењето на независност Валабхбаи Пател, попознат како Сардар Пател, кој бил првиот заменик министер на Индија и еден од основачите на Република Индија.

Пател играл клучна улога во борбата за независноста на оваа држава.