Првата фотографија од јајцето наречено Јуџин беше споделена во јануари и доби над 52 милиона лајкови.
Се чинеше дека единствената цел на оваа фотографија е да го урне рекордот на Кајли Џенер, која младата популација ја нарекува кралицата на Инстаграм.
Но фотографијата од јајцето што освои рекорден број лајкови на Инстаграм всушност е дел од кампањата за подигање на свеста за менталното здравје. Јајцето, познато како Јуџин, во моментот има пукнатини поради притисокот со кој се соочува на социјалните мрежи кога доби популарност.
Пораката што јајцето ја испраќа ги советува корисниците на социјалните мрежи да побараат помош доколку и тие се чувствуваат така.
Јуџин го собори рекордот на Џенер за девет дена. Вкупно шест фотографии се досега објавени на профилот на Јуџин, секоја со различен степен на пукнатини.
Последната објава на Јуџин е видео во кое јајцето пука и ја пренесува пораката:
„Ух. Сега ми е подобро. Ако и вие го чувствувате притисокот, посетете ја talkingegg.info за да дознаете повеќе.“
За тоа кој стои зад овој профил (@world_record_egg) и како се стекна со огромната популарност, имаше многу шпекулации.
Многумина веруваа дека е маркетиншки трик од страна на голема компанија која купува следбеници на Инстаграм, но во меѓувреме се откри дека креатор на профилот е Крис Годфри, маркетинг-директор од Британија.
Во моментот јајцето има над 10 милиони следбеници, па претставува ефективна платформа за едукација на многу луѓе.