По повод 30 години од искачувањето на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец на Монт Еверест, на кого оваа планина при враќањето кон базниот камп му стана вечно почивалиште, битолската градоначалничка, Наташа Петровска, оствари средба со неговото семејство, односно сопругата на Димитар, Елпида, и синовите Јонче и Сашо.
Како што информираат од Општината, на средбата членовите на семејството изразиле задоволство од приемот на градоначалничката и дале неколку предлози со цел да се направи нешто повеќе за да се зачува споменот на Димитар Илиевски-Мурато.
„Меѓу другото, тие предложија да се обнови спомен-плочата, која се наоѓа на нивната куќа, во која израснал Димитар Илиевски-Мурато. Исто така, во Заводот и музеј да се постави дел во кој ќе бидат изложени предмети, кои семејството ги поседува, а му припаѓале на Мурато“, се наведува во соопштението.
Петровска на средбата покажала интерес за повеќе работи поврзани со семејството, за планинарската традиција штоја наследил постариот син Јонче, кој воедно е претседател на планинарскиот клуб што го носи името на татко му, а истакнала и дека сесрдно ќе се заложи Општината да го зачува споменот на овој битолчанец.
Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам. Посмртно е добитник на наградата Медал за заслуги за Македонија. Покрај спомен-обележјата на Копанки и Антена на Пелистер, во 2005 година, под базниот камп на Еверест, е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.
