Авионската индустрија ја погоди пандемијата на коронавирусот ковид-19, а патниците низ светот се справуваат со откажани летови и забрани за патување додека се обидуваат да се вратат дома.
Поради коронавирусот извршен најдолгиот патнички лет во историјата
Авионската индустрија ја погоди пандемијата на коронавирусот ковид-19, а патниците низ светот се справуваат со откажани летови и забрани за патување додека се обидуваат да се вратат дома.
Во целиот тој хаос, како нуспојава е остварен нов светски воздухопловен рекорд.
Авиокомпанијата Ер Тахити нуи на 14 март го прелета најдолгиот редовен патнички лет во историјата, минувајќи 15.715 километри околу планетата од Папит на Тахити, во Француска Полинезија, до парискиот аеродром Шарл де Гол.
Овој рекорд во воздухопловството е директна последица на ограничувањата на патувањата во САД поради коронавирусот, пренесува Си-ен-ен.
Оваа рута предвидува преседнување во Лос Анџелес. Кога авионот слетува на Ел Еј екс во САД, сите патници мора да го напуштат и да минат низ царина и гранична контрола пред да им биде дозволено да ја продолжат следната етапа од патот.
Актуелните ограничувања го направија тој дел од патот невозможен па наместо тоа летот ТН064 продолжил кон целта, полетувајќи во 15 часот по локално време од аеродромот Папит и пристигнувајќи во Париз на 15 март во 15:30 часот по локално време.
„Овој лет е извршен исклучително во рамки на ограничувањата кои американските власти ги наметнаа во екот на епидемијата на ковид-19“, кажа во изјавата за Си-ен-ен портпаролот на компанијата Ер Тахити нуи.
Летот, кој траел нешто помалку од 16 часа, стана најдолгиот комерцијален лет во светот ако се мери минатата оддалеченост. Тој го надмина претходниот рекорд на Сингапур ерлајнс, кој нуди линиски превоз на патници меѓу Сингапур и Њуарк долг 15.343 километри.
Австралиската компанија Квантас постави поинаков рекорд за најдолг лет на крајот на 2019. Експерименталниот тестен лет Проџект санрајз леташе нон-стоп меѓу Лондон и Сиднеј 19 часа и 19 минути и мина 17.799 километри. Меѓутоа, бидејќи во авионот немаше патници со платен билет, тоа не се смета за комерцијален лет.
ТН064 е најдолгиот формално локален лет во светот бидејќи летал меѓу Француска Полинезија и копнена Франција.
Компанијата соопшти дека авионот летал со „засилен екипаж“ од четири пилоти кои управувале со „авион од следната генерација“ боинг 787-9, двомоторен дримлајнер.
Авионот не бил полн со патници, што значело дека можел да го продолжи патот без дотурање гориво.
Компанијата Ер Тахити нуи вели дека станува збор за „исклучителен лет, извршен во специјален контекст“ и додаде дека тоа ја покажува нивната определеност да ги задржи транзитните врски меѓу Франција и прекуморските територии.
„Не е судено летот да биде продолжен“, истакна портпаролот.
Од викендот, авиокомпанијата го заменува вообичаеното преседнување во Лос Анџелес со слетување во Ванкувер, Канада или во Понт а Питр, на островот Гвадалупе – иако и канадската опција сега е исклучена бидејќи земјата воведе забрана за патувања од 16 март.