Откако на дел од учесиците на Адриа турнирот во Задар беа позитивни на корона вирусот и се беше прекинато, Новак Ѓоковиќ денеска објави дека и тој заедно со својата сопруга се имаат позитивни резултати.
Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена се тестирале на коронавирусот вчера во Белград, а резултатите покажуваат дека обајцата се заразени. Нивните деца не се заразени од вирусот. Ѓоковиќ вели дека тој и сопругата засега немаат симптоми на болеста и ќе останат во изолација во следните 14 дена.
Втората рунда на Адриа турнирот кој требаше да се одржи во хрватскиот Задар беше откажана откако во саботата бугарскиот тенисер Григор Димитров соопшти дека е заразен од коронавирус. Во меѓувреме и хрватскиот тенисер Борна Чориќ, српскиот тенисер Виктор Троицки и неговата бремена сопруга, како и тренерите на Ѓоковиќ и Димитров соопштија дека се позитивни на вирусот.
Првата рунда од турнирот се одржа во Белград на 14 и 15 јуни, а присутни беа и топ-10 играчите Доминик Тием и Александер Зверев, но и двајцата се негативни на вирусот. На мечевите присуствуваа речиси 4.000 гледачи, без никакви превентивни мерки и без почитување на правилата за социјална дистанца. Тенисерите преку ден играа фудбал и кошарка, а ноќе се забавуваа и во белградските клубови.
Повеќе тенисери и тениски функционери ги критикуваа турнирот на Ѓоковиќ, особено фактот што на него не се почитуваа никакви протоколи за заштита од ширење на вирусот.
Ѓоковиќ ја бранеше одлуката да го организира турнирот објаснувајќи дека се водел од добри намери.
„Го организиравме турнирот во момент кога вирусот ослабна, верувајќи дека условите за тоа се исполнети“.
„Многу ми е жал за секој поединечен случај на зараза. Се надевам дека ова нема да искомпликува ничија здравствена состојба и дека сите ќе бидат добри“, порача Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер неодамна предизвика реакции и со изјавата дека во иднина нема да игра доколку вакцината стане задолжителна, а ги критикуваше и строгите мерки за заштита на планираниот УС Опен во август и септември.