Како да направите традиционален Василичарски мазник

Се вели дека за Василица што побогата е трпезата, толку побогата ќе биде годината.
Неизбежен е василичкиот мазник во кој се става паричка. Присутните на трпезата го вртат мазникот во круг три пати, го делат мазникот и потоа, најинтересниот дел – го бараат паричето на кого му се паднало.

Еве како да направите василичарски мазник, традиционално со тегнети кори.
Состојки:

500 гр брашно
250 мл млака вода
50 мл масло за јадење + масло за попрскување
1 лажица алкохолен оцет
половина лажичка сол

Фил:

400 гр дробено сирење или урда
3 лажици павлака или кисело млеко
1 јајце
сол и бибер, по вкус
Подготовка:
Прво, подгответе го филот. Во длабок сад скршете го јајацето и разматете го со вилушка. Додадете го сирењето (дробено или рендано) или урдата и ставете ја павлаката. Павлаката или киселото млеко ќе го направи филот растресит. Измешајте убаво, зачинете по вкус и оставете на страна.

Во длабок сад ставете ги маслото, оцетот и солта. Измешајте и додавајте го брашното, пополека. Замесете меко и нелепливо тесто. Откако ќе замесите тесто, премачкајте го со масло и оставете го да одмори 20 минути, не мора да е на топло, затоа што нема квасец за да нарасне тестото.

По 20 минути, премесете го кратко тестото и од него одвојте 5 помали топчиња. Секое топче премачкајте го со масло и почнете да го тегнете на голема и широка кујнска крпа или чаршаф. – Од средината растегнувајте ја, а потоа внимателно и полека тегнете по краевите. Кога ќе ја растегнете кората со дијаметар од околу 80 сантиметри, попрскајте ја целата со масло и ставете една петина од филот.

Со остар нож пресечете ги подебелите витки од тестото. Со помош на чаршафот завиткајте го мазникот и префрлете го во широко тавче за печење со дијаметар од 35 сантиметри. Ова направете го со останатите 4 парчиња тесто, а не заборавајте и во некоја од витките да ставите париче завиткано во алуминиумска фолија.

Редете ги како полжав во тавчето за печење. Кога ќе ги наредите, попрскајте ги со масло за јадење и ставете го мазникот да се пече во рерна загреана на 200 целзиусови степени околу 30 минути, па потоа намалете на 180 степени и печете дополнителни 15 минути. Ако гледате дека мазникот ви фаќа златно жолта боја побрзо од предвиденото, покријте го со алуминиумска фолија. Тоа сепак зависи од јачината на вашата рерна. – Печениот мазник покријте го со кујнска крпа и оставете го да се подолади 30 минути, пред сервирање.

Добар апетит!