Температурите се во пораст, еве како да се заштитиме од сончаница и топлотен удар

Вискоите температури се во значителен пораст изминативе години.

Долго изложување на главата на сонце, особено директна изложеност на висока температура, доведува до сончаница.

Симптомите на сончаница почнуваат со силна главоболка и со зголемување на телесната температура, поспаност и вртоглавица, зуење во ушите или краткотрајна загуба на слухот. Кај помладите кои долго се сончаат чести симптоми се умор и малаксаност, а кај постарите може да дојде и до несвестица.

Освен поради прекумерно изложување на сонце, топлотен удар може да настане и поради влажен и презагреан воздух, бидејќи во такви услови е отежнато потењето, а се јавува најчесто кај работници во пекарници, кујни, но и во презагреан автомобил, неклиматизиран јавен превоз.

При топлотен удар или сончаница, мора веднаш да се почне со разладување. Важно е постепено разладување со ставање ладни облоги, се додека температурата не се врати во нормала.

Многу е важно да се надомести изгубената течност и минерали, да се даваат ладни напитоци, но да се избегнуваат пијалаци кои влијаат на крвотокот, особено кафе и алкохол.

Пет чаши вода дневно се доволни за хидратација на деца од 5 до 8 години, седум чаши за деца од 9 до 12 години, а осум до десет чаши вода за деца постари од 13 години и за возрасни, препорачуваат експерите.

Јадете свежо овошје и зленчук, немасно месо и риба, житарки, семки и немасни ферментирани млечни производи (јогурт, кефир), чорби и супи за надоместување на електролитите изгубени со потењето.

Избегнувајте обилни оброци и масна храна.