Од понеделник ќе биде дозволено да се вакцинираат деца од 12 до 16 години со Фајзер

Од понеделник започнува теренската вакцинација со која ќе се дозволи вакцинирање и на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Оваа вакцина, посочи тој, во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст.

Па така, родителите со своите деца може по своја волја да се појават директно на пунктовите за вакцинација, а во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување.

Во меѓувреме, четири нови случаи на заразени лица со делта сојот на корона вирусот се регистрирани во земјава. Со ова, бројот на заболени лица со Ковид-19 од индискиот сој достигна осуммина.

Филипче апелира граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат. Според него, појавата на делта сојот на коронавирусот покажува колку е важна вакцинацијата, бидејќи како што вели – вакцинацијата штити од тешка форма на болест и од смрт.

До крајот на неделава, пак, претставници од министерствотот ќе дискутираат со Комисијата за заразни болести за да утврдат дали оваа новонастанатата состојба бара воведување рестриктивни мерки.