Домашни продукти ефикасни против убоди од инсекти

Убодите од комарци, болви и разни други инсекти се неизбежни во летниот период, а она што ни пречи најмногу е неподносливото чешање кое следи потоа.

Денес можете да најдете разни кремови, гелови и други средства кои ги намалуваат црвенилото и чешањето од убодите, но постојат и многу „домашни“ продукти кои го имаат речиси истиот ефект, за кога не сте во можност веднаш да се снабдите со нешто друго.

Можеби овие продукти нема да бидат исто ефикасни како гелот купен од аптека, но сигурно ќе ви се најдат кога при рака немате ништо друго.
Погледнете кои продукти можете да ги користите против убоди од инсекти:
Етерично масло од нане

Маслото од нане ја „разладува“ кожата, па може да го намали чешањето од разни убоди. Истовремено, ова масло може и целосно да ги спречи убодите бидејќи инсектите како комарци и болви не го поднесуваат неговиот мирис.

Само бидете внимателни – немојте да нанесувате само масло директно на убодот ако не сакате да почувствувате печење. Наместо тоа разредете 1-2 капки со шолја вода и ставете го во шише со распрскувач, па така нанесете го на убодот.

Етерично масло од лаванда

Ова масло ги смирува воспаленијата, па може да ви биде од корист кога станува збор за убоди од инсекти. Доволно е да нанесете само неколку капки директно на убодот и веднаш ќе почувствувате олеснување.

Сода бикарбона

И сода бикарбоната може да ги намали воспалението и иритацијата по убод од инсект.

Ако ја користите против убоди, најдобро е да направите паста. Измешајте 1 лажица сода бикарбона со неколку капки вода – додавајте вода додека не добиете смеса која наликува на паста. Потоа нанесете ја смесата на потребното место, оставете целосно да се исуши, па отстранете со влажна крпа.

Ако имате многу убоди на телото, можете да си направите купка со 1 шолја сода бикарбона и млака вода.

Мраз

Мразот е брзо решение за многу проблеми – убоди од инсекти, чешање, отоци… Мразот е ефикасен бидејќи ниската температура ги намалува отоците и иритацијата и значително го ублажува чешањето.

Поради ова, ако користите гел против убоди или чешање, ќе биде многу поефикасен ако е директно изваден од замрзнувач, а не отстоен надвор.

Оцет

Покрај тоа што ги намалува чешањето и печењето од убодот, оцетот е одличен за дезинфекција ако многу сте го чешлале убоденото место. Ако го користите, најдобро е да го разредите со исто количество вода, па нанесете го со крпа како облога која ќе ја оставите да делува неколку минути.

Ако имате многу убоди, можете да си направите и купка во која ќе додадете 2 шолји оцет.

Овес

И овесот може да биде одличен за третман против убоди од инсекти, бидејќи ги намалува чешањето и отоците.

Ставете малку овес во блендер, па измешајте го со вода и направете густа смеса. Нанесете ја смесата на убодот, оставете да делува 15-тина минути па исплакнете со вода.

Алое вера

Сите знаеме дека алое верата е одлична за изгореници од сонце, но ова растение може да помогне и со убодите од инсекти. Гелот од алое вера ја разладува кожата, со тоа намалувајќи ги чешањето и црвенилото.

Ако имате растение алое вера, само исечете еден лист и нанесете од гелот.

Паста за заби

Ако чешањето од убодот е неподносливо, можеби најмногу ќе ви помогне пастата за заби. Само нанесете малку паста на проблематичното место и чешањето веднаш ќе се ублажи.