Посна карамел торта

Состојки:

  • Посни бисквити  500-600 грама
  • 3-4 супени лажици слатко или мармалад од портокал
  • 2-3 супени лажици мармалад од кајсија
  • Посно чоколадо  100 грама (за глазура)

Крем:

  • 400 грама шеќер
  • 5-6 супени лажици посно млеко во прав
  • 1 л. вода
  • 3 пудинга од ванила
  • 200 грама маргарин
  • 1 ванила шеќер
  • 200 грама халта (блага, посна)
  • 2-3 супени лажици нес-кафе во 1 чаша млака вода

Подготовка:

Прво се прави кремот: на страна се подготвува 1 л. врела вода со разматено посно млеко. На тивок оган се пржи 400 грама шеќер, со мешање, додека да стане карамел. Потоа веднаш се тргнува на страна и во тоа се додава, мешајќи, подготвеното жешко млеко. При додавањето може да се направи пења, но тоа е нормално. Само за кратко тогаш треба да се прекине со мешањето, па да се продолжи. За да се стопат сите грутки од шеќерот треба млекото со карамелот да се вари на тивок оган 5-10 мин. Кога шеќерот сосема ќе се стопи, тенџерето се тргнува од огнот и во него се додаваат подготвени пудинзи (разматени само со малку вода). Потоа пак се враќа на огнот, се вари неколку минути додека не стане густо. Треба да биде толку густо за кремот да не тече. Во изладен крем се додава маргарин, претходно добро изматен со ванила шеќер. Потоа се додава претходно изматена халта (ако кремот излезе помек, не треба да се додава целата количина халта, туку само лажица-две за вкус, а останатото може да се искористи за украс).
Потоа се прави премаз: мармаладот треба малку да се подгрее на тивок оган, со мешање. Треба да се добие полутечна уедначена смеса. Потоа се меша со слаткото од портокал и заедно се пасира.
Бисквитите, пред да се наредат, се потопуваат еден по еден во нес-кафето разматено во вода. Се редат во три слоја, така што врз секој слој бисквити најпрво се става тенок слој од премазот, па врз премазот кремот. Значи, на крај доаѓа кремот со кој се премачкува тортата и странично. Врз тоа се става глазура.
Тортата треба да отстои една ноќ во фрижидер.

Добар апетит!