Сакајќи да ве мотивираме што повеќе да читате и на тој начин да го збогатите својот личен живот и овој пат ви нудиме три наслови кои со сигурност ќе ви го освојат срцето и нема да ви дозволат да ги оставите сè додека не ја прочитате и последната страница.
Книгите ќе ве релаксираат, одморат и ќе ве натераат да заборавите на сите проблеми, но истовремено ќе ве направат побогати за едно ново искуство и за една нова приказна која никогаш не знаете колку може да ви помогне во вашите животни дилеми.
„Дувачот на стакло од Мурано“ – Марина Фиорато
Марина Фиорато на одличен начин ќе ве прошета низ времето прикажувајќи ви две страни на Венеција.
Венеција од 17-от век, време во кое е убиено семејството на Корадино Манин, а нему му е подарена шанса за живот единствено бидејќи неговиот заштитник во него ја препознава чудесната дарба за дување во стакло, умешност по која островот Мурано ќе стане најпознат низ целиoт свет.
Младиот уметник ќе биде повикан дури и во дворецот на Луј XIV каде ќе се соочи со најголемото искушение во животот.
„Оксфордски убиства“ – Гилјермо Мартинес
Кога во математичар ќе се разбуди желбата за пишување не може да очекувате ништо друго освен роман кој ќе ви покаже дека однесувањето и постапките на луѓето совршено ги следат правилата и законите на математиката.
Мартинес, кој има завршено постдокторски студии по логика на Оксфорд, ќе ве вовлече во светот на математиката и логиката и нема да ви дозволи да ја оставите книгата настрана ниту за момент.
Во романот се раскажува за професор кој заедно со еден студент ги истражуваат низата чудни убиства во Оксфорд, Англија.
Сите убиства се поврзани со математички симболи и шифри кои го најавуваат следното злосторство од долгата серија.
Полицијата брза да го фати убиецот пред бројката да стане преголема, но секогаш штом дојде на чекор до него сфаќа дека нешто пропуштила и наидува на нова шифра
„Казна за гревот“ – Јелена Бачиќ Алимпиќ
Извонредна трилогија која ќе ве остави без здив од првата до последната страница. Три приказни проткаени со една нишка која ги поврзува на нераскинлив начин.
„Ноќта кога дојдоа сватовите“ ја раскажува приказната за забранетата љубов на Михајло, синот на богат земјопоседник, и Емилија, ќерката на ковачот, љубов која им пркоси на сите правила и закони во едно време каде парите условуваат како луѓето ќе гледаат на тебе.
Во „Книга на спомените“ одличната ученичка Емилија по препорака на нејзиниот професор заминува да го продолжи своето образование во Виена каде открива што значи љубовта гледајќи во сините очи на нејзиниот професор, кој восхитен од нејзиниот талент решава да ја земе како негова асистентка.
До, војната и чудните случувања на имотот каде живеат нејзините сиромашни родители ќе ги одведат нештата во сосема неочекувана насока…