Добитникот на годинешнава Нобелова награда за книжевност, американскиот кантавтор Боб Дилан, нема да присуствува на церемонијата на доделувањето на признанието, објави Шведската кралска академија.
Дилан напишал писмо до Академијата, и појаснил дека „поради веќе договорените обврски нема да може да патува во Стокхолм во декември“ се наведува во соопштението.
Доделувањето на наградите традиционални се одржува на 10-ти декември, на годишнината од смртта на шведскиот иноватор и претприемач Алфред Нобел, кој и го формира паричниот фонд за нејзиното доделување.
Молчењето на Дилан за добивањето на најпрестижното светско признание, беше силно критикувано, а членовите на Шведската академија го нарекоа „арогантен“.
Боб Дилан, инаку е првиот музичар кој ја примил оваа престижна награда, а изборот на Нобеловиот комитет за доделување на наградите предизвика контроверзии во литературните кругови во светот.