Базата која ја ракетираше Иран е изградена од македонска компанија!

Во ноќта помеѓу 7-ми и 8-ми јануари, иранската Револуционерна гарда изведе два ракетни напади на ирачки воени бази каде што е стационирана американската армија, во знак на одмазда за нападот на генералот Касим Сулејмани.

На мета на иранските проектили се најдоа базите Аин Асад и Ибрил кои претрпеле помали оштетувања.

Прва на удар се најде базата Аин Ал Асад која беше нападната во 1:20 часот утрината по локално време, односно во истото време кога американците во напад со дрон го убија иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Базата Аин Ал Асад се наоѓа во западниот дел на Ирак и моментално таму се сместени војници и воена опрема на американската и британската армија. За време на инвазијата на Ирак, оваа база беше втората најголема база на територијата на земјата.

Првичниот назив на базата бил Ал Касидија, а токму под тоа име била градена во периодот од 1981-ва до 1987-ма година. Интересно е тоа оваа база ја граделе компании од поранешна Југославија, меѓу кои има и една македонска компанија – станува збор за градежниот гигант „Гранит“ од Скопје.

Проектот бил познат како „Проект 202-Б“ и „Проект 1100“ и вредел, во тоа време вртоглави 280 милиони долари. Покрај „Гранит“, во изградбата учествувале и „Враница Сараево“ и „Унионинвест Сараево“ од денешна Босна и Херцеговина, како и хрватската компанија „И.Л. Лавчевич Сплит“, пренесува српски „Курир“.

Базата била изградена за да можат во неа да бидат сместени до 5,500 војници, а во рамките на целиот комплекс се наоѓа и друга воена и јавна инфраструктура. Што се однесува до воените, базата поседува воен аеродром, засолниште за бомбардери и воени касарни.

Покрај тоа, југословенските компании изградиле и џамија, отворен и затворен базен, спортска сала, кино, библиотека, основно и средно училиште, како и болница.

Најпопуларни биле бункерите-засолништа за бомбардери кои популарно биле наречени „Југоси“. Овие бункери биле непробојни, се до 1991-ва година и развивањето на ласерски наведуваниот проектил GBU-28 кој е специјализиран за разбивање на токму такви бункери.