Здравата храна која е добра за организмот, го зајакнува имунитетот или го забрзува опоравувањето, често пати може да е штетна за забите и убавата насмевка.
Имајќи го тоа предвид, стоматолошките експерти наведуваат неколку најчесто користени намирници со кои треба да се биде внимателен.
Портокалите и лимоните, иако се од исклучителна важност за одржување на колагенот во непцата, можат да бидат и контрапродуктивни доколку премногу се конзумираат.
Тие во постојан допир со забите можат засекогаш да ја омекнат и оштетат забната глеѓ.
Бадемите се богати со витамин Е и добри масти, а во организмот многу брзо се создава чувство на ситост. Но при нивно грицкање треба да се биде внимателен, бидејќи поради цврстината можат да предизвикаат напукнување на забите.
Киселите намирници содржат малку калории, но поради високиот процент на киселина тие можат да го намалат количеството на минерали во забите. Покрај тоа, киселата храна често во себе содржи и шеќер кој доведува до кариес.
Сувото овошје, исто така, треба да се конзумира во умерени количества поради исклучително висока концентрација на шеќер. Ова овошје е корисно за организмот, но неговите шеќери залепени за забите претставуваат идеална подлога за развивање на бактерии и појава на кариес.