Денес е Светскиот ден на аутизмот

Светот денеска го одбележува Светскиот ден на лицата со аутизам.

Целта е да се подобри квалитетот на животот на лицата со аутизам, да се згрижат тие деца, да им се даде рана дијагностика, ран третман, право на едукација и здравствена заштита.

Датумот 2 април е избран во 2007 година од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации, со цел да се сврти светското внимание кон аутизмот како растечки глобален здравствен проблем.

Аутизмот е нарушување на невролошкиот развој, кое го имаат десетици милиони луѓе низ светот, а кое кај мажите се јавува четирипати почесто отколку кај жените.

Родителите на децата со аутизам најчесто ги забележуваат знаците во првите две години по раѓањето.

Секоја година на 2 април се организираат настани и активности кои целат да ја подигнат свеста на јавноста за аутизмот, да информираат за важноста на раната дијагноза и раната интервенција и да помогнат во собирањето на средства за потпомагање на лицата со аутизам.

Од 2010 година па наваму, на глобално ниво се одвива кампањата „Light it Up Blue“ (#LIUB на социјалните мрежи), во рамките на која со сино светло се осветлуваат знаменитости, истакнати објекти, згради, домови, училишта…

Поддржувачите на кампањата можат да се вклучат преку носење на сина облека и охрабрување на други лица да го направат истото, носење на сини беџови, алки и слично, или пак преку поставување на фотографија на социјалните мрежи под хаштагот #LIUB.