Десет места во домот каде имате најмногу бактерии

При чистење на домот, најмногу се фокусираме на корпата за отпадоци, веце школката и бањата.

Но, бактериите ги има насекаде, вклучително и на површините кои редовно ги прескокнуваме при чистењето.

Знаете ли дека кујнскиот сунѓер е највалканото место во домовите? Кујната крие повеќе бактерии од која било друга просторија во домот!

Некои бактерии се безопасни, други се дури и полезни за здравјето, но има и бактерии кои предизвикуваат најразлични болести.

Не се препорачува опсесивно да се внимава на хигиената, но пожелно е да бидеме малку попретпазливи и во текот на чистењето да не ги прескокнуваме следниве места низ домот, кои се рај за бактерии:

Сунѓерчето во кујната

Кујнското сунѓерче е најголем извор на бактерии во домот. Истражувањата покажале дека сунѓерчето во кујната е за 200.000 пати повалкано од капакот на тоалетната школка. Меката структура со шуплини е идеално скривалиште на бактериите, бидејќи е тешко да биде дезинфицирана. Бришејќи ја масата и миејќи ги чиниите со ист сунѓер, вие ги разнесувате бактериите насекаде.

Ставете го мокриот сунѓер во микробранова печка околу 2 минути за да уништите поголем дел од бактериите. Препорачливо е тоа да го повторувате секој ден. Менувајте ги сунѓерите еднаш на две седмици и секогаш чувајте ги на место кое им овозможува да се сушат.

Кујнскиот мијалник и чешмата

Во мијалникот најчесто завршуваат остатоците од храната, валканите чинии и нечистотиите од измиените намирници. Поволни услови за размножување на бактерии создава и постојаната влажност на површината на мијалникот.

И рачката на чешмата е магнет за бактерии. Сите бактерии од кои сакате да се ослободите завршуваат на рачката, а при затворањето на водата, дел од нив се враќаат на рацете.

Барем еднаш неделно дезинфицирајте го мијалникот со соодветно средство, а секојдневно мијте го со жешка вода и средство за миење садови. Не ги заборавајте рачките на чешмата.

Даска за сечкање

Сечкањето на различни видови храна на иста даска може да биде многу опасно. Живото месо содржи многу бактерии, па тие лесно можат да се пренесат на зеленчукот, овошјето и другите производи кои се консумираат свежи.

Мијте ја даската темелно со жешка вода и средство не само откако ќе завршите со готвење, туку и меѓу сечкањето различни типови храна.

Шминки и несесер

Во женските несесери освен колекции шминки, се кријат и многу бактерии. Секоја бактерија од несесерот или од лицето и рацете може да ја зарази шминката, а последиците се кожни или очни инфекции.

На секои 2 седмици чистете ги четките за шминка со млака вода и бебешки шампон. Многу е важно да ги перете и несесерите. Заменувајте ја шминката со нова откако ќе измине препорачаниот рок за употреба.

Женски чанти

Поради страв да не ја изгубат формата или изгледот, многу жени не ги перат чантите, што ги прави идеален дом за бацилите. Доколку ја оставате чантата насекаде – на лабавото во јавните тоалети додека си ги миете рацете, на подот во домот – бидете сигурни дека сте насобрале купишта бактерии. Експертите предупредуваат дека на женските чанти има бактерии кои обично живеат во тоалетите и можат да предизвикаат кожни инфекции или дијареја.

Одвреме-навреме бришете ги чантите со антибактериски влажни марамчиња. Доколку станува збор за кожена чанта, внимавајте на хемикалиите кои ги има во влажните марамчиња.

Перени мокри алишта

Влажната облека оставена во машината за перење станува расадник на бактерии. Бактериите од едно парче облека лесно се распространуваат додека се оставени во влажната и темна внатрешност на машината.

По перењето на алиштата, веднаш простирајте ги да се сушат. Не заборавајте да ја оставате вратничката на машината отворена за таа да се суши и внатре.

Рачки од врати

Ретки се домаќинките кои при чистењето не ги „забораваат“ рачките на вратите. На кваките, освен бактерии, остануваат вируси на грип и настинка, како и многу други микроорганизми.

Користете антибактериски влажни марамчиња или раствор од средство за чистење и вода за да ги дезинфицирате сите кваки во домот најмалку еднаш седмично.

Држач за четки за заби

Со секое пуштање на вода во тоалетната школка, насекаде низ бањата се разлетуваат бактерии, а дел од нив слетуваат на држачот за четки за заби или врз самата четка.

Мијте го држачот за четки најмалку еднаш неделно со жешка вода и средство. Чувајте ја четката заштитена, но во кутија која овозможува струење на воздухот за таа да може да се суши. Менувајте ја четката за заби на секои 3-4 месеци.

Tелефон и далечинскиот управувач

Телефонот и далечинскиот управувач веројатно се на дното на листата на предмети за чистење на домаќинките. Сите го бришат телевизорот, но малку посегнуваат и по далечинскиот управувач на кој има многу бактерии, особено во домовите во кои живеат и мали деца.

Доволно е еден член на семејството да има грип или настинка, за да им го пренесе вирусот и на останатите.

Бришете ги далечинскиот управувач и телефонот еднаш неделно со влажна крпа натопена во раствор од бел оцет и вода или алкохол. Веднаш потоа, бришете ги и со сува крпа.

Компјутерски тастатури

Tастатуриte се колекционери на бактерии, бидејќи многу тешко се чистат. Доволно е да кивнете во тастатурата или неколку пати да седнете да пишувате со валкани раце, за да ја претворите тастатурата во закана за здравјето.

Мијте ги рацете пред и по користењето на тастатурата. Ако јадете во близина на тастатурата, внимавајте да не ви паѓаат трошки меѓу копчињата. Чистете ја тастатурата еднаш неделно со алкохол. Не го заборавајте и глувчето.