Европската јавност од 2017 година се залага за последно поместување на времето и укинување на летното, односно зимско време. Меѓутоа, Европската комисија ги консултирала граѓанит на ЕУ и утврдила дека 84 отсто од луѓето се за укинување на сеознското веме.
Поместувањето на стрелките престанува во 2021
Европскиот парламент го прифати укинувањето на сезонско време на 26 март минатата година, што значи дека одлуката може да почне да се применува дури во 2021. Зимското време всушност е стандардно, додека привремениот премин на летно пресметување на времето е утврден во 1916 година во Германија и во државите кои биле нејзини сојузници во Првата светска војна.
За различното пресметување на времето зиме и во лето, се размислувало долго време низ историјата. Зачетник на оваа идеја се смета Бенџамин Френклин (американски државник, филозоф, физичар, економист и писател), кој сметал дека со поместувањето на времето може подобро да се искористи летниот сончев период. Поборник на таа идеја бил и британскиот градежник Вилијам Вилет кој во 1904. отпечатил памфлет „Трошење на дневната светлина“ во кој предложил поместување на часовникот за 80 минути напред, во април, со што би се заштедело на трошоците за струја и што би ги направило луѓето попродуктивни. Вилет неколку пати се залагал овој предлог да влезе во британскиот парламент, а една година по неговата смрт се случило првото поместување на стрелките.
Не ги поместуваат сите стрелките
По завршување на војната некои земји ја отфрлиле оваа пракса најмногу поради жалењето на фармерите кои тврделе дека таков ритам не е добар за земјоделството и сточарството. Некои држави ни денес не ги поместуваат стрелките, како што се Јапонија, Еквадор, Исланд и некои држави во САД. Русија, Белорусија и Украина исто така ја укинале оваа пракса, а Дмитриј Медведев оваа одлука ја објаснил дека е добра за здравјето на луѓето.
Докажано штетно
Во текот на 20. век во научните кругови доста се расправало за промена на времето. Иако главната предност било тврдењето дека со ваква промена ќе се заштеди енергија, лекарите предупредувале дека лошо влијае на здравјето на луѓето и на животните, зашто предизвикува главоболка и несоница.
Причина за тоа е што нашиот „внатрешен часовник на организмот“се прилагодува на светлината, па така одредува дали сме поспани или не, а најголем проблем имаат „ноќните птици“.
Некои научни истражувања покажале загрижувачки резултати. На пример, едно истражување покажало дека човечкото тело никогаш нема да се навикне на промената на времето зашто тоа е вештачко, а последицата е трајно подигнување на хормонот на стрес кортизол.
Заклучокот би бил дека поради губење на сонот сме несреќни, а секоја заштеда на електричната енергија се поништува со загуба на продуктивноста на работникот.