Бројот на починати корисници на социјалната мрежа ќе стане поголем од бројот на живите, па после оваа бизарна статистика се поставува прашањето – што ќе се случи со нашите податоци.
Според најновото истражување на Универзитетот Оксфорд, Фејсбук до крајот на овој век, ако се земе во предвид досегашниот раст на социјалната мрежа, ќе има на своите сервери многу важен дел од човековата историја.
Фејсбук како компанија располага со огромна количина на приватни податоци, па многумина се прашуваат што се случува со тие податоци на членовите кои што починале. Од социјалната мрежа тврдат дека во случај на смрт на корисникот, можат да се преземат низа на акции и податоците на секој корисник остануваат безбедни и подготвени за да им бидат предадени на роднините.
Според оваа студија, дури и ако растот на најголемата социјална мрежа практично престане, до 2070-та година на Фејсбук ќе има повеќе починати отколку живи корисници, а до 2100-та година Фејсбук ќе има 1,4 милијарди починати корисници.
Студијата од Оксфорд наведува низа на причини за промена на начинот на кој Фејсбук се однесува со приватните податоци.
„Фејсбук треба да ги повика историчарите, архивистите и етичарите да учествуваат во собирањето на собраните податоци кои ги оставаме зад нас“, изјави Дејвид Вотсон, еден од креаторите на студијата.
„Тука не работиме на нешто што ќе функционира во следните неколку години, туку за солуција за бројните децении кои се пред нас“, порача Вотсон од Универзитетот Оксфорд.