Француски колач со јаболки (рецепт)

Колачот е мек, полн со овошје, вкусен, вистинско уживање.

Потребно е:

за тестото: 120 гр путер (или маргарин), 1 лажица шеќер, 1/4 лажиче сол, 1 жолчка, 2 лажици или 30 мл ладна вода, 150 гр брашно

за филот: 3 големи јаболки, 2 лажици шеќер, 50 мл сок од јаболки, 50 мл вода, 2 лажичиња цимет, прстофат мелено каранфилче, прстофат мелено морско оревче, рендана кора од 1/2 лимон

уште: 2 јаболки, 2 лажичиња џем од кајсии, 1/2 лимон, 1/2 лажиче шеќер

Подготовка:

– Во еден подлабок сад ставете ги омекнатиот маргарин и сите останати состојки. Замесете фино мазно тесто. Тестото завиткајте го во пластична фолија и ставете го половина час во фрижидер за да се стегне малку.

– За тоа време подгответе го филот. Јаболките излупете ги и исецкајте ги на коцкички, полијте ги сокот од јаболки и водата, додадете го шеќерот, изренданата кора од 1/2 лимон и динстајте ги додека не омекнат и не испари вишокот течност.

– Во јаболките додадете цимет, морско оревче и каранфилче. Испасирајте ги со вилушка и оставете ги убаво да се изладат.

– Тестото ставете го на набрашнета маса и развлечете го со дијаметар поголем од тавата во која ќе го печете (24 см).

– Тавата убаво намачкајте ја со путер и ставете го тестото. Направете рабови од тестото. На тестото ставете го изладениот фил од јаболки.

– Останатите јаболки (околу 400 гр) исецкајте ги на тенки листови, исцедете врз нив сок од лимон (за да не потемнат) и наредете ги над филот, од надвор кон внатре, како на сликата. Посипете 1/2 лажиче шеќер над јаболките.

– Вака подготвениот колач ставете го да се пече во загреана рерна на 200 целзиусови степени 10-тина минути, а потоа уште 20 минути на 175 степени, односно додека тестото не порумени.

– Џемот од кајсии со сокот од половина лимон растопете го на рингла (може и во микробранова печка). Со оваа смеса премачкајте го готовиот колач поради поубав сјај.