Фудбалерката Наташа Андонова, заштитното лице на Кожувчанка, потпиша за ПСЖ

Најдобрата македонска фудбалерка, Наташа Андонова потпиша за францускиот шампион и еден од најдобрите клубови во Европа, ПСЖ.

Трансфер бомба во последниот ден од преодниот рок во женскиот фудбал. Наташа Андонова стави потпис на договор со ПСЖ.

„ПСЖ со задоволство може да соопшти дека потпиша со Наташа Андонова која доаѓа од Розенгард. Таа утринава ги помина медицинските тестови и стави потпис на договорот. Наташа Андонова ќе го носи дресот со број 15“ – стои во соопштението на ПСЖ.

Наташа Андонова

23-годишната Андонова играше за германскиот клуб Турбине Постдам со кој освои две титули во германското првенство пред да се пресели во шведскиот Розенгард. Македонската фудбалерка важи за една од најталентираните во Европа.

„Доаѓањето во ПСЖ е мојот најголем предизвик во досегашниот дел од кариерата. Клубот е бренд во Европа и светот и поласкана сум од довербата која ја покажаа во мене. Се надевам дека ќе се оддолжам најдобро што можам“ – изјави Андонова откако го потпиша договорот.

Наташа потпиша договор до крајот на сезоната со можност за продолжување. За жал таа нема да може да настапи за ПСЖ во Лигата на шампионите, бидејќи оваа сезона веќе играше за Розенгард во елитното натпреварување.

Наташа Андонова