Гаврани ќе ги собираат фрлените отпушоци во Шведска

„Corvid Cleaning“ е стартап компанија од Шведска која започна да тренира гаврани да собираат догорчиња од улиците и плоштадите во Седертаље, во близина на Стокхолм.

Како што пренесува „Гардијан“, во рамките на овој проект, чија цел е да се намалат трошоците за отстранување на отпадот, гавраните се тренираат така што им даваат малку храна секогаш кога ќе стават пикавец во машина дизајнирана од „Corvid Cleaning“.

„Тоа се диви птици кои учествуваат на доброволна основа“, рече Кристијан Гинтер-Хансен, основач на „Corvid Cleaning“.

Според истражувањата, секоја година на улиците на градовите во земјата се фрлаат над милијарда догорчиња од цигари, што е околу 62% од вкупниот отпад.

Седертеље троши над 1.9 милиони евра годишно за чистење улици.

Проценките се дека благодарение на новиот метод на компанијата, трошоците поврзани со отстранување на отпушоци од улиците би можеле да се намалат за најмалку 75 проценти.

Пилот-проектот се спроведува во Седертаље, а, доколку се покаже како успешен, треба да започне во Стокхолм и во другите градови.

Според истражувањата, новокаледонските гаврани, кои припаѓаат на семејството corvidae, имаат можност за расудување на ниво на седумгодишно дете, па поради ова се сметаат за најпаметни и се најпогодни за оваа работа.

Многупати досега се покажало дека овие птици се многу снаодливи, како на пример кога на пат фрлаат орев од устата и чекаат да дојде автомобил и да го скрши.

„Овие птици се најлесни за тренирање и најголеми се шансите да учат една од друга. Во исто време, постои и најмал ризик некои од нив случајно да изедат отпад “, велат основачите на овој проект.