Две горили се фотографирани како позираат на опуштено селфи со ренџери, кои ги спасиле како бебиња. Фотографијата е направена во сиропиталиште во Националниот парк Вирунга, во Конго, каде што животните се одгледани кога ловокрадци ги убиле нивните родители.
Заменик-директорот на паркот, Иносент Мбурануме, за Би-би-си изјавил дека горилата научиле да ги имитираат своите негуватели, кои се грижат за нив уште од бебиња, како и дека мислат оти негувателите се нивни родители.
Кога во јули 2017 година биле убиени нивните родители, горилата имале два и четири месеци. Бргу потоа биле најдени и однесени во сегашното сместувалиште.
„Бидејќи пораснаа со луѓе, тие ги имитираат луѓето и стојат на две нозе, учат да бидат луѓе“, изјавил Иносент Мбурануме. Тој нагласи дека не е лесно да се биде ренџер, дека секогаш не е забавно, туку најчесто е опасна работа.
Петмина ренџери минатата година беа убиени во Националниот парк Вирунга во заседа на бунтовници, а од 1996 година до денес убиени се 130 ренџери.