Колку време коронавирусот живее на различни површини?

Коронавирусната РНК беше најдена на крстосувачки брод 17 дена откако патниците заминале. Кои се ризиците од ракувањето со пакети и намирници?

Многу луѓе седат во затворено за да избегнат контакт со луѓе потенцијално заразени од ковид-19. Но еден неодамнешен извештај на Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) вели дека РНК од вирусот што предизвикува ковид-19 е пронајдена во бродот „Дијамантска принцеза“ 17 дена откако заминале нејзините патници. За тоа кои се ризиците од ракувањето со пакети, намирници и другите често допирани површини Гардијан разговарал со д-р Акико Ивасаки, професор по имунологија на Универзитетот Јеил и д-р Џулија Маркус, епидемиолог за заразни болести и професорка на Одделот за медицина на население на Медицинскиот факултет Харвард.

Дали извештајот за крузерот значи дека вирусите преживуваат до 17 дена на површини?
Д-р Џулија Маркус: Истражувањето на ЦДЦ на крузерот пронајде докази за вирусна РНК во кабините што сè уште не биле исчистени. Но, да бидеме јасни, тоа значи дека вирусот може да биде најден – не дека е жив или дека од контактот со тие површини некој би можел да се зарази. (Забелешка на уредникот: РНК или рибонуклеинската киселина ги носи генетските информации на вирусот.)

Д-р Акико Ивасаки: Тоа значи само дека има делови од вирусот што сè уште се тука. На вирусот му требаат многу други компоненти за да биде активен, неоштетен. Ако имате парчиња РНК, тоа не е вирус, ви треба целосен неоштетен геном. Само затоа што имате парче РНК не значи дека постои инфекција.

Колку долго може вирусот да преживее на површините?
Маркус: Медицинскиот журнал на Нова Англија тукушто објави студија во која е тестирано колку долго вирусот може да остане стабилен на различни видови површини во контролирани лабораториски услови. Откриле дека може да се забележи на бакар до четири часа, на картон до 24 часа, а на пластика и челик до 72 часа.

Но важно е да се напомене дека количеството на вирусот брзо се намалило со текот на времето на секоја од овие површини. И така, веројатно со текот на времето ќе се намали и ризикот од инфекција од нивното допирање.

Може ли да заразите од само една честичка коронавирус?
Ивасаки: Има одредено количество вирусни честички на кои треба да се изложите за да бидете заразени. Ако имате само една вирусна честичка на прстот, малку е веројатно дека ќе бидете заразени. Некои вируси се многу моќни, се заразувате и со само 10 честички, додека за други можеби ви требаат милиони. На колку помалку вирусни честички сте изложени, толку е помала веројатноста дека ќе се заразите. Затоа е важно количеството на вирусот на површината.

Колку луѓе се заразуваат преку површини, наспроти честичките во воздухот или директниот контакт со заразено лице?
Маркус: Колку што знаеме во моментов, поверојатно е луѓето да бидат заразени од близок контакт со заразено лице отколку со допирање загадена површина. Сепак, сè уште е важно да се биде свесен за она што го допираме, особено на често допираните површини, и да се биде внимателен со миењето раце по допирањето на нештата. На пример, јавниот превоз или продавниците за храна и местата каде што обично има многу луѓе.

Ивасаки: Вирусот е прилично стабилен на (материјали) како пластика и челик – тие можат да опстојат неколку дена. Значи, многу е можно некој што е болен да го остави вирусот на површината, а потоа некој друг да ја допре и да си го допре лицето.

Дали постои ризик да се заразиме од намирниците и пакетите што ни ги доставуваат дома?
Маркус: Ризикот е мал, но можно е ако некој достави пакет во вашата куќа, а е болен, тоа може да биде пренесување. Јас би препорачала кога и да се појави нешто ново во вашето домаќинство, веднаш да миете раце по ракувањето со него.

Ивасаки: Стабилноста на (вирусот) е доста голема на картонот. Откако ќе ги добиете тие пакети, отворете ги, брзо фрлете го картонот, измијте ги рацете и обидете се да избегнете допирање на лицето. Преземете ги сите можни мерки за да ги минимизирате контактите од површината на пакетот до вашето лице.

Дали е можно содржината на пакетот да ја контаминирал оној што го спакувал?
Ивасаки: Дефинитивно постои можност за загадување, но многу поверојатно е дека надворешниот картон ќе дојде во контакт со многу повеќе луѓе отколку она што е внатре. А ако се потребни денови за да стигне до вашиот дом, секој вирус што бил внатре веќе станал неактивен.

Дали имате совети за чистење на површини?
Маркус: Добро е редовно да ги чистите сите често допирани површини, како рачките на вратите и тоалети. Обичните средства за чистење во домаќинствата се ефикасни, вклучително и раствори за белење и алкохолни раствори од најмалку 70% алкохол. Ако некој во вашето домаќинство е дијагностициран со ковид-19, тогаш чистењето и дезинфекцијата стануваат многу поважни и треба да се прават почесто.

Ивасаки: (Управата за храна и лекови) има список на средства за домаќинство за кои се знае дека го убиваат ковид-19. Овој вирус е обвиен вирус, така што не преживува добро во сапун и во алкохол.