Косилка, чистач на снег, плажа или улици во едно – пристигна GM200ze ново мултифункционално возило

По лансирањето на револуционерното водородно возило за одржување хигиена во урбани средини GM500H2, „Брако“ продолжува со иновации. Најновиот член во семејството на „зелените машини“ е мултифункционалното возило GM200ze, неверојатен носач на алат на две тркала, кој може да биде и косилка, и машина за чистење снег, за чистење плажа, за одржување хигиена во урбани средини, дури и плуг, машина за дување лисја и сè што корисникот може да замисли.

Станува збор за мала, компактна машина, комплетно електрично возило со етикетата на „Грин машинс“ (Green Machines), кое работи со нула емисии на штетни гасови, нула вибрации и нула врева. Во предниот дел има универзален адаптер, кој овозможува поврзување со сите типови приклучоци на електрични алатки што постојат на светскиот пазар. Со ваквите неверојатни перформанси и можности, може да се користи 24/7, цела година, и на студените нордиски температури и на жешката клима на Бахамите.

GM200ze може да се користи и на отворен и во затворен простор. Погодно е за паркинзи, градини, магацини, плоштади, трговски центри, забавни паркови, туристички комплекси… секаде.

– Со години „Брако“ се стреми да придонесе за значително почиста средина, улици и градови. Потврда за тоа е нашето скорешно целосно преминување на зелена енергија, без користење на фосилни горива, со нула загадување. Што се однесува, пак, на „Грин машинс“, екологијата е вградена во мисијата на оваа наша компанија и сите возила што се дизајнираат, произведуваат и се извезуваат од овие погони се карактеризираат со напредни, високотехнолошки перформанси, еколошки и софистицирани – вели Иле Атанасов, директор во „Брако“.