Поп ѕвездата Мадона ги отфрли гласините дека ќе посвои уште две деца од Малави, пренесоа светските новински агенции.
„Во Малави сум да посетам детската болница во Блантајер и поради мои други обврски со фондацијата „Raising Malawi“. Потоа се прибирам дома. Гласините за процесот на посвојување не се вистинити“, изјави 58-годишната пејачка во соопштението објавено од нејзиниот портпарол.
Портпаролка на судскиот систем во јужноафриканската држава, Мленга Мвула изјави дека пејачката, која веќе посвоила две деца од Малави – Дејвид Банда и Мерси Џејмс, поднела документи за уште две посвојувања, но одби да ги открие имињата на децата.
Мадона ја создаде фондацијата „Raising Malawi“, за да заштитува сирачиња и ранливи деца во земјата. Таа исто така спонзорира училишта и болници.
Во 2014 година претседателот Питер Мутхарика ја назначи за амбасадор на благосостојбата на децата.