Момче од Висконсин на лотарија освои 768 милиони долари

Мануел Франко, 24-годишник од американската држава Висконсин, освои 768 милиони долари во играта на среќа „Пауербол“, што е трета најголема исплата во историјата на САД.

„Начисто полудев. Ги погледнав броевите и тие се совпаѓаа. Срцето почна силно да ми чука, почувствував топлина. Почнав да викам“, изјавил Франко за АП.

Тој кажал дека веднаш дал отказ од работното место, велејќи дека едноставно не може да продолжи да работи.

Одлучил да ја избере опцијата за еднократна исплата, наместо да ги добива парите на рати, но додал и оти се надева дека ќе има можност да донира и за добротворни цели. Бидејќи одбрал еднократна исплата, во готово ќе му бидат врачени 477 милиони долари.

Тој, како што рекол, е подготвен на луѓето кои ќе дојдат да молат за пари да им каже не.

Според законот на американската држава Висконсин, добитниците на лотарија не може да останат анонимни. Франко објаснил дека откако ги освоил парите станал параноичен и добитното ливче го сокрил во сеф.

„Станав параноичен, како кога имате чувство дека целиот свет ве бара токму вас. Секој ден мислев дека некој е зад мене. Тешко е да го живеете животот кога имате лист што секој го посакува“, објаснил младиот Франко.