Најстариот познат рецепт во светската гастрономија е „ашурето“, кое му се припишува на Ное, библиска личност што го спасува светот од големиот потоп. Ова фасцинантно јадење денес е всадено во културното и гастрономско наследство на Турците
Легендата за „ашурето“ е фасцинантна. Бродот на Ное за време на врнежите што траеле 40 дена се засолнил на врвот на планината Арарат. На крајот на потопот спасените во бродот решаваат во чест на завршетокот на 40-дневните дождови да организираат прослава. По тој повод решаваат да направат јадење што ќе содржи 40 состојки. Но нивните резерви храна веќе биле при крај, па решиле секој да даде што има. Во зависност кој од каде бил, го давал она што го имало во неговата татковина. Некој дал суви плодови, друг житарки, шеќер, суво овошје, портокал, смокви, ориз, наут… Според преданието, на бродот биле и Мојсеј, и Исус, и Мухамед.
Ова јадење, кое и денес се служи во Турција, не е само добар десерт туку има и повеќеслојно религиско и друго значење. Симболиката на приказната е во основа длабоко хуманистичка – со мешањето на народите, културите, обичаите, храната, се добиваат најфантастичните нешта. Приказната е порака што ја велича разновидноста како сврзувачки елемент за хармонијата.
Има повеќе рецепти за начинот на кој се приготвува „ашурето“. Со толку состојки варијациите се можни и пожелни. Најзагрижените настојуваат да постигнат совршенство, настојувајќи да ги употребат сите 40 состојки, како што говори приказната со Ное.
„Ашурето“ се прави долго и кај Турците се служи на специјални празници. Еве еден рецепт, кој е многу блиску до совршеното сфаќање на овој редок деликатес
Состојки: половина филџан наут, филџан пченични зрна, филџан бел ориз, еден и пол филџан шеќер, половина филџан сечкани печени лешници, половина филџан фстаци, половина филџан пињоли, една кафена лажица ванила, третина филџан „златно“ суво грозје, една третина филџан сечкани суви смокви, една третина суви кајсии, малку корки од портокал, 2 супени лажици ружина вода.
За декорација: две мали лажици цимет, половина филџан сварени и излупени бадеми, половина филџан зрна од калинка.
Подготовка: најголем дел состојки треба навечер да се потопат во вода и да се остават до следниот ред. Во еден сад се потопува наутот, се прелива со вода и исто така се остава прекуноќ. Пченицата и оризот добро се мијат и се преливаат со вода. Сувите смокви, кајсиите и корките од портокал се потопуваат половина час во врела вода, се цедат, а водата во која стоеле се чува. Потоа се сечкаат, се мешаат со сувото грозје и се оставаат настрана.
Готвење: наутот се става во тенџерето и се налева со четири и пол литри вода. Се остава да проврие и потоа се вари на средна температура додека да омекне (околу еден час). Додека се вари наутот, ставете три литри вода да зоврие, а во нив се додаваат пченицата и оризот. Се варат со често мешање, додека пченицата и оризот не омекнат (околу еден час). Потоа се мешаат со наутот.
Во сместа се додава и водата зачувана од потопувањето на сувото овошје, шеќерот, исечканите лешници, фстаците и пињолите и сѐ заедно се вари во тенџерето на умерена температура, со постојано мешање. Треба да врие и постојано да се меша триесетина минути, сѐ додека мешавината не згусне, како густа чорба. Се додаваат ванилата, сувото грозје, смоквите, кајсиите и корките од портокал, па потоа се вари уште 20 минути со постојано мешање. Се трга од огнот и се додава ружината вода. „Ашурето“ се остава на собна температура еден час или подолго. Се посипува со цимет, се украсува со бадеми и со зрната од калинка.