Џулија Муни, 34- годишна наставничка по ликовно од Њу Џерси, си дала себеси предизвик да и се спротивстави на брзата мода.
Наместо да им раскажува на своите ученици за важноста на одржливата облека, таа решила да им го покаже тоа преку пример.
На првиот училиштен ден, Муни се појавила на часовите во сиво фустанче со копчиња. Откако им ја објаснила причината на своите ученици, таа го носела истиот фустан и наредниот ден. И секој нареден ден. Конечно, по неколку седмици, таа ги вклучила и своите ученици во експериментот, објаснувајќи им дека никаде не постои правило кое вели дека секој ден треба да бидат различно облечени.
Со купување облека според модните трендови кои бргу се менуваат, ние придонесуваме за она што Муни го нарекува „вишок мода“.
Ова, според неа, не само што е опасно за околината, туку и за сите нас како поединци, а посебно за помладите генерации.
„Ова е нешто со што тинејџерите секојдневно се соочуваат. Тие се обидуваат да оформат свое ‘јас’, а всушност се идентификуваат со модни брендови и површни работи кои ги гледаат на социјалните мрежи. За среќа, многумина од нив беа возбудени да разговараат на оваа тема и за тоа колку сето ова е смешно“, вели Муни.
Нејзиниот проект „Една комбинација 100 дена“ се претвори во вистинско движење.