Лиса Мари Присли (50), ќерката на Кралот на рокенролот, остана без целото наследство што ѝ го остави славниот татко Елвис Присли. Таа го обвинува нејзиниот поранешен менаџер дека несовесно го потрошил нејзиниот дел од наследството што се проценува на 100 милиони долари.
Британскиот таблоид „Дејли мејл“ објави документи што покажуваат дека Лиса го тужи својот менаџер Бери Сигел (68) дека со години ја убедувал дека нејзината финансиска состојба е „стабилна и добра“, а нејзиното богатство се намалило на само 14.000 долари.
Пејачката и композиторка тврди дека додека му било доверено управувањето со наследството на Елвис, Сигел си доделувал годишна плата од 700.000 долари.
Иако од мала живее во богатство и раскош, Лиса имаше живот исполнет со трагедии.
Таа имаше проблеми со злоупотреба на алкохол и лекови за болка, а пред две години се разведе од четвртиот сопруг, музичарот Мајкл Локвуд.
Мајка ѝ Присила и Елвис Присли се разведоа кога таа имаше само четири години.
Кралот на рокенролот почина во 1977 година на 42 години, откако му откажа срцето поради злоупотреба на дрога.