Осло најскап, а Белград е најевтин туристички град во Европа

Осло е најскапиот, а Белград е најевтиниот град за туристите, покажа една анкета на германскиот авто-мото сојуз АДАК, спроведена во 20 европски градови, според која просечниот турист за потребите за храна, влезници и слични туристички „ситнарии“ во Осло треба да плати 153 евра, а во Белград 41 евро.

Српскиот главен град со тоа е најевтин меѓу набљудуваните метрополи, ја пренесуваат германските медиуми анализата на АДАК, наведувајќи дека се споредувале, меѓу другото, колку чини дневниот билет во јавниот превоз или влезницата во зоолошката градина, а при тоа се анализирани и цените на пивото, капучиното или порција помфрит.

Освен тоа, направена е споредба на цените на таблетката против главоболка, пастата за заби, фластер за рани…

Посебно скапи во европските градови се туристчките понуди. Така влезница за лондонската зоолошка градина чини 29 евра, влезницата во еден швајцарски музеј во Луцерн е 25 евра, додека во Осло, посетата на главната туристичка атракција, тврданата Акерсхус, е бесплатна.
Кога станува збор за германските градови – туристичката потрошувачка кошничка е 104 евра за престолнината Берлин и 98 за, на пример, главниот град на економски моќната Баварија, Минхен.

Кога станува збор за најскапите градови, по Осло доаѓаат Париз, Лондон, Копенхаген и Мадрид, додека на другата страна, покрај најевтиниот Белград, како посебно поволни за туристите се означени Загреб, Љубљана, Прага и Будимпешта.