Питон нападнал и повредил 65- годишен Австриец додека седел на тоалет

65-годишен човек утрово околу 6 часот отишол во тоалет во сопствениот стан во австрискиот град Грац.

Наскоро откако седнал во тоалетот, почувствувал болка во пределот на гениталиите. Постариот човек бил нападнат од питонот, известува локалната полиција.

Албино питонот избегал од станот на 24-годишен сосед. Сè уште не е утврдено како питонот влегол во тоалетната шоља, но се претпоставува дека поминал низ канализацијата.

Змијата што го зграбила постариот човек за гениталиите била долга околу 1,6 метри. Мажот со полесни повреди бил пренесен во болница во Грац, пренесуваат австриските медиуми.

Експерт за рептили ја извадил змијата од тоалетот, ја исчистил и конечно ја вратил на сопственикот. 24-годишникот, сопственик на змијата, имал вкупно единаесет змии во станот, кои ги чувал во терариуми. Тој бил пријавен во канцеларијата на државниот обвинител под сомнение дека предизвикал телесни повреди од небрежност, објавила полицијата.