На 76-годишна возраст почина познатата американска пејачка Арета Френклин, која светот ја знаеше и како „Кралица на соул музиката.“
Френклин почина денес во Детроит каде беше хоспитализирана по долгата битка со ракот.
Таа е родена на 25-ти март 1942-ра година во Мемфис сојузната држава Тенеси.
Пораснала во Детроит каде што нејзиниот татко бил познат проповедник. Нејзиниот музички талент бил препознаен уште на млади години, кога таа свирела пијано и пеела за време на црковните служби.
Френклин започнала да се занимава со поп и џез музика на 18 годишна возраст. Но, вистинскиот пробив во музиката се случил во 1967-та година кога музичката куќа „Атлантик рекордс“ и дозволила да запее со нејзиниот природен евангелски глас.
Таа постигна националната слава со серијата хитови, меѓу кои „Chain of Fools“, „Natural Woman“ и нејзината најпозната песна „Respect“ која беше напишана од пејачот-текстописец Отис Рединг, кој почина во 1967 година кога песната беше објавена. Френклин ја преобрази песната, и ја направи химна на црнците и жените.
Во 1987-та година, Френклин стана првата жена кој се најде во Рокенрол галеријата на славните.
По падот на кариерата во доцните 1970-ти години, таа се појави во филмот „The Blues Brothers“со што ја обнови славата.
Френклин се бореше со прекумерната тежина и здравствените проблеми, но дури и на постарите години, нејзиниот глас остана чудесен.