Во покраината Хесен е отворен првиот тест-автопат за товарни возила кои возат со помош на струја од електро-мрежата над автопатот. Доколку тестот се покаже успешен, ќе бидат електрифицирани и други автопати.
На германските автопати има сѐ повеќе камиони чии мотори испуштаат јаглерод диоксид и со тоа ја загадуваат животната средина. Владата во Берлин пак ги зајакнува обидите за реализација на својот план за заштита на климата и постигнување на целта – товарниот сообраќај до 2050 година да се одвива без испуштање штетни издувни гасови.
Една од можните мерки за остварување на оваа цел сега се тестира во Хесен. Во рамки на проектот ЕЛИСА (Електрифициран иновативен товарен сообраќај на автопатите) електрифициран е дел од автопатот А5 во покраината Хесен во должина од пет километри, и тоа десните ленти во двата правца. На овој т.н. е-автопат во наредните години повеќепати во денот ќе сообраќаат пет електро-камиони, опремени со кабли преку кои ќе се снабдуваат со струја од електро-мрежата над патот. Електричната енергија која притоа ќе се користи ќе потекнува од обновливи извори на енергија.