Салепот ги ублажува болките во грлото и одличен е за настинка, бидејќи надразнетата слузница ја обложува со тенок слој и на тој начин го запира кашлањето.
Освен своето лековито дејство, се верува дека има и афродизијачко својство.
Салепот се добива со мелење на сушени луковици од планински орхидеи од родот на Orchis (Orchis mascula, Orchis militaris).
Орхидеите кои се погодни за производство на салеп имаат уникатна структура. Коренот на овие орхидеи, има јајцевидна форма и се состои од две луковици. Поголемата луковица го храни цветот, додека помалата е резервна.
Производителите најчесто ја користат помалата, резервна луковица. Кога таа е отстранета, поголемата луковица започнува да генерира нови луковици и на тој начин цветот продолжува да живее.
Салепот содржи глукоманани – полисахариди што се растворливи во вода, и имаат својство на згуснувачи. Инаку салепот бил популарен пијалок во западна Европа пред да дојде кафето од Африка.
Како се подготвува?
Една лажичка салеп во прав промешајте со малку вода, додека смесата не се изедначи. Потоа додадете млеко и варете го 5 минути со постојано мешање. Кога ќе се згусне, значи дека е подготвен. Така подготвениот салеп зачинете ја со цимет и чоколадни трошки.
Уживајте!