Русите објавиле дека вакцина прво ќе примат возрасни, па потоа и децата – еве зошто

Националниот истражувачки центар “Гамалеи” во Русија планира да почне тестирање на вакцината против коронавирусот на деца во јануари-февруари следната година, соопштил директорот на центарот Александар Гинцбург.

Како што пренесува “Sputnik”, Гинцбург навел дека Институтот никогаш не спроведувал тестирања на деца.

“Педијатрите ја познаваат таа специфичност, поради тоа заедно со нив ја подготвуваме документацијата која ќе ја поднесеме во Министерството за здравство за да можеме да го спроведуваме тестирањето и на деца, но дури откако ќе ги завршиме сите тестирања на возрасни”, рекол Гинцбург.

Според неговите зборови, тестирањата на децата ќе почнат во зима, бидејќи третата фаза на тестирањето на вакцината против коронавирусот на возрасните ќе трае околу пет месеци.

“Се надевам дека вакцината ќе биде погодна за деца, но според рускиот закон вакцината може да се тестира на деца дури кога ќе помине комплетен циклус на тестирање на возрасни”, објаснил Гинцбург.

Министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, претходно соопштил дека клиничките испитувања на вакцината за корoнавирусот во Русија се завршени, а станува збор за вакцина која ја развива Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија “Гамалеи”.