Сангриа – совршено летно освежување

Сангриа е ароматично пунч вино базирано на овошје типично за Шпанија, Португалија и Аргентина.

Тоа обично се состои од црвено вино, сецкано овошје, шеќер, мала количина алкохол и сода вода. Сецканото овошје вклучува: портокал, лимон, лимета, јаболко, праска, диња, ананас, грејпфрут, киви или манго.

Сангриата го добила името по шпанскиот збор „sangre“ што во превод значи крв, поради својата типична темно црвена боја.

Сангриата се служи во цела Шпанија и Португалија во текот на летото. Често се служи со дрвена лажица. Во некои земји може да се купи и флаширана сангриа.

Овој оригинален рецепт се подготвува за 6 чаши.



Потребно е:

  • 1/2 чаша бренди
  • 1/4 чаша сок од лимон
  • 1/3 чаша сок од портокал
  • 1 шише (750 мл) суво црвено вино (Каберне совињон, Мерлот…)
  • 1 јаболко, сецкано на коцки
  • 1 лимон, сецкан на тркалца
  • 1 портокал, сецкан на тркалца
  • 1 лимета, сецкана на тркалца
  • 2 лажици кафеав шеќер
  • 400 мл газирана минерална вода

Подготовка:
– Во еден подлабок стаклен сад ставете го сецканото овошје. Одозгора посипете го со шеќерот и измешајте убаво. Оставете да отстои 1 час.

– Потоа во садот додадете го виното, брендито и сокот од лимон и портокал.

– Непосредно пред да ја послужите сангријата, во садот додадете ја и минералната вода. Можете да ставите и неколку коцки лед ако претходно не сте го изладиле виното.