Се огласи првата дама на САД: Жива сум и се е во ред со мојот брак

Првата дама на САД Меланија Трамп се нема појавено во јавност по операцијата што ѝ беше направена месецов, па реши да се обрати на јавноста и да објасни дека сѐ е во ред со нејзиното здравје и брак.

„Гледам дека медиумите работат прекувремено со шпекулирање каде сум и што правам. Не се секирајте, тука сум во Белата куќа со моето семејство, се чувствувам супер и работам за децата и американскиот народ“, напиша Меланија на Twitter.

Гласините зачестија 20 дена од последниот пат кога се појави во јавност, со претседателот Трамп кога ги пречекаа тројцата Американци ослободени од Северна Кореја.

Белата куќа веќе ги отфрли гласините за состојбата на врската меѓу претседателот и првата дама.

На 14 мај, Белата куќа соопшти дека госпоѓа Трамп (48) ќе биде примена во болницата „Волтер Рид“ за хируршка интервенција за решавање на бенигна појава на бубрегот.

„Операцијата беше успешна и немаше компликации“, стоеше во соопштението од Белата куќа.

Меѓутоа, после тоа немаше ни глас, ни трага од Меланија, а на медиумите толку им требаше.

Се појавија гласини дека се вратила во Њујорк со синот Барон или дека соработува со специјалниот советник Роберт Милер.

Откако не се појави на денот за спорт и фитнес во Белата куќа, настан што го промовираше претходната прва дама Мишел Обама, шпекулациите се засилија.

Дополнителна стимулација за гласини беше фактот дека ќерката и советничка на Доналд Трамп, Иванка,се обрати на настанот наместо неа.

„Одлично се чувствува. Не би го квалификувала ова како долго отсуство. Беше во болница речиси една недела, а сега закрепнува дома“, рече портпаролката на првата дама Стефани Гришам.