Седумте прасиња, кои станале ѕвезди на социјалните мрежи, биле пронајдени оставени на улица во Ниш. Денес тие се наоѓаат во засолништето за коњи “Старо брдо”.
“Прасињата ги видел човек, додека ловел риба на езеро и му пратил фотографија на својот пријател, кој ја проследил до пријателка. Таа ги објавила на својот профил на Фејсбук и напишала дека прасињата умираат и дека им е потребна помош. Ја замоливме да ги одведе во Ниш, на ветеринар. Таа го направи тоа и два дена беа сместени кај наша познаничка, но не можеа долго да останат таму, бидејќи тоа сепак е град”, навела за “PetFace” Јована од британската организација “Serbia’s Forgotten Paws”, која им помага на животните во Србија.
Таа наведува дека го замолиле засолништето за коњи “Старо брдо” да ги прифати, ако тие ги покријат трошоците. Со оглед на тоа дека веќе долга низа години имаат соработка, се согласиле. Досега била воспоставена соработка околу коњи и магариња.
“Прасињата се сега кај нив и планот е да се користат за едукација на луѓе и деца. Кога станува збор за едукацијата, не очекуваме луѓето да престанат да јадат свинско, но мислиме дека би било убаво децата да имаат можност да ги запознаат овие седум прасиња и да дознаат како коректно треба да се грижат за нив пред завршат на нивната чинија, ако одлучат да ги јадат”, истакнала Јована.
Од организација “Serbia’s Forgotten Paws” сметаат дека повеќето луѓе кои чуваат свињи не се грижат коректно за нив, дел бидејќи не ги интересира, а дел бидејќи не знаат како, но сметаат дека вреди да се обидат тоа да се промени.
“Децата ќе имаат можност да ги запознаат овие седум прасиња, да ги чешкаат, да си играат, а потоа тие нека одлучат дали ќе ги јадат или не. За оваа недела откако ги спасивме прасињата многу научивме и самите. Страшно се друштвени, сакаат да се галат, да се чешкаат и секако да јадат како вистински прасиња. Кога беа спасени не знаеја да пијат ни од цуцла. Моментално се тешко само околу 2 килограми и помали се од домашни мачки”, истакнува Јована.
Овие прасиња се спасени и сега уживаат во животот и популарноста на интернет, а тоа што оваа организација го нагласуваат е дека седумте прасиња никогаш нема да се најдат на трпеза.