Пластичниот хирург Џулијан Де Силва спровел истражување кое покажало дека лицето на американскиот супермодел Бела Хадид е максимално близу до таканаречениопт „златен однос на убавината“, пренесува британскиот таблоид The Sun.
Дваесет и тригодишната Хадид имала најблизок до идеалниот однос според математичката равенка позната како „Beauty Phi“, развиена уште во древна Грција.
Хирургот ги пресметувал пропорциите на лицата на неколку славни личности, мерејќи го обликот и позицијата на усните, носот, брадата, челото и вилицата.
Бела Хадид била близу до идеалниот сооднос од 94,34 отсто, па познатиот пластичен хирург ја прогласил за најубавата жена на светот.
„Бела беше апсолутен победник кога сите елементи од лицето беа измерени на примерокот на физичкото совршенстгво. Таа имаше највисок вкупен резултат на брадата од 99,7 отсто. До идеалната форма и недостигаа само 0,3 отсто“, вели Де Силва.
Второто место и припаднало на пејачката Бијонсе со 92,44 отсто, а третото на актерката Амбер Херд со 91,85 отсто, којашто, пак, имала најсовршен нос.
Во првата десетка се најдоа и Аријана Гранде, Тејлор Свифт, Кејт Мос, Скарлет Јохансон, Натали Портман, Кети Пери и Кара Делевин.
Хирургот вели дека новите методи на компјутерска споредба ќе им помогнат на научниците да се обидат да одговорат на прашањето: што човекот го прави физички убав, како и тој и неговите колеги подобро да ги испланираат операциите врз пациентите.