Јапонците очајни, ќе имаат 10 неработни денови

Деновите од 27 април до 6 мај за Јапонците се неработни по повод одбележувањето на абдикацијата на царот Акихито, кој на престолот ќе биде заменет од неговиот најстар син, Нарухито. Но мноштвото неизлечливи работохолици во оваа земја неработните денови ги доживуваат со страв, пишува „Гардијан“.

Многумина ќе заминат на туристичко патување во странство, но работниците платени на час не се радуваат толку на одморот.

Според „Гардијан“, не се задоволни ни родителите вработени во секторот на услуги бидејќи тие се загрижени што да прават со децата додека тие работат. Во текот на 10 празнични денови на децата нема да им бидат на располагање вообичаените решенија: продолжен престој во училиште или градинка.

Јапонскиот весник „Асахи“ спроведе анкета што покажа дека 45 отсто од испитаниците „се чувствуваат несреќни“ кога станува збор за долг одмор, додека 35 отсто „се чувствуваат среќни”.

Просечниот Јапонец користи само 10 дена во годината слободно, што е половина од вкупниот број денови што ги имаат за одмор.

Околу 60 отсто од Јапонците се чувствуваат виновни кога користат платен одмор, а многумина велат дека тоа е поради шефовите кои не гледаат со одобрување на отсуството од работа.

Во понеделникот во Јапонија се усвоени законски прописи со кои се ограничува работното време, поради зголемениот број смртни случаи поради прекумерна работа („кароши“).