Филмот Авичи: Вистински приказни (Avicii: True stories) излезе во октомври минатата година и помина релативно незапазено. Кон почетокот на април стана достапен на сервисите како Нетфликс, но после смртта на музичарот беше „повлечен“.
Филмот го потпишува пријател на музичарот, Леван Цикуришвили, кој цели четири години го снимал Тим Берглинг.
-Гледајќи како му соопштува на својот тим дека се повлекува, а потоа и на целиот свет, дури сега за жал ја имаме целосната слика за тоа под колкав притисок се наоѓал. И покрај проблемите со менталното здравје и битката со алкохолизмот, продолжуваше да настапува, пишува „Дејли Меил“.
Наводно заработувал и по четири милиони долари за вечер работејќи на најексклузивните забави, но овој гламурозен ноќен живот носел и голема цена.
-Сите кои ме познаваат, знаат дека страдам од анксиозност. Бев многу отворен со целиот тим, луѓето кои со години ме познаваат, кога решив да се повлечам. Очекував поддршка, знаат низ што поминав. Им реков дека ќе умрам ако продолжам, изјавува младиот ди-џеј во документарецот и открива:
„Не очекував дека ќе вршат дополнителен притисок врз мене по никоја цена да не се повлекувам од сцената. Видоа колку ми е лошо, но сеедно ме тераа да продолжам понатаму“.