Популарна теретана во полскиот град Краков, успеа да остане отворена и покрај новите мерки против ширењето на коронавирусот, прогласувајќи се за продавница каде што луѓето можат да „тестираат“ опрема и црква што нуди „верски состаноци“.
За време на викендот, полицијата во Краков влегла во спортската фитнес сала Атлантик, каде што десетина луѓе вежбале и покрај забраната на владата. Полицијата ги идентификувала вработените и посетителите, но не им издала казни затоа што претставниците на салата тврделе дека сè е легално.
Со оглед на тоа што компанијата веќе има деловна класификација што и овозможува вршење на услуги за малопродажба, Атлантик Спортс се прогласи за продавница во која луѓето можат да влезат и да тестираат опрема за фитнес за одредена сума.
„Не ми се допаѓаат дупките во законот, но немаме друг избор“, изјавила менаџерката на салата, Марта Јамроз. „Не знам зошто ја погодуваат индустријата за фитнес кога црквите се отворени и трговски центри работат; одлуката е против секоја логика и не можам да ја разберам“.
„Бидејќи часовите за фитнес не можат да функционираат, од денес во нашиот клуб ќе се одржуваат верски собири за членовите на здружението наречено Црква на здравото тело“, напишаа тие на Фејсбук.
Регистрацијата како црква во Полска е доста незгодна, пренесува Oddity Central. Полицијата потврди дека ја испитуваат законитоста на деловната активност на салата како продавница и црква.
„Во моментов проверуваме дали е во согласност со прописите“, изјави шефот на полицијата. “Ние се консултиравме и со други канцеларии. Значи, одлуката за можни санкции сè уште не е донесена”.